26.8 C
Skopje
сабота, 6 септември 2025

Тотенхем остана без уште едно летно засилување за мечот со Шкендија

Тотенхем ќе допатува во Скопје за мечот со Шкендија без уште едно засилување од овој преоден рок, а покрај Герет Бејл, кој не е подготвен за настап, во четврток на националната арена „Тодор Проески“ за Спарс нема да игра и Пјер-Емил Хојбјерг.

Играчот од средниот ред што пристигна во Тотенхем пред малку повеќе од еден месец за сума од 20 милиони евра, што му беа платени на Саутхемптон, го повреди глуждот и нема да настапи против Шкендија задутре од 20 часот, во нокаут-мечот од квалификациите за настап во Лигата на Европа.

Хојбјерг брзо се вклопи во стартниот состав на гигантот од Лондон и ги одигра сите три меча на стартот од новата сезона. Се повреди завчера, токму на дуелот меѓу неговиот нов клуб Тотенхем и Саутхемптон, екипа за која претходно играше во Премиер лигата.

Данскиот репрезентативец допрва очекува информација за тежината на повредата, а денеска, според најавите од Тотенхем, треба да има дополнително снимање на повредениот глужд.

Шкендија и Тотенхем ќе играат еден меч во полуфиналето од квалификациите за пласман во фазата по групи во Лигата на Европа, а победникот од овој меч ќе му биде домаќин на Ростов, или на Макаби Хаифа во финалната филтер рунда на патот кон настап во ЛЕ.

 

- Оглас -

Најнови вести