Дојде како големо засилување, но постигна само еден гол: Милан нема да го задржи Фулкруг

Најновите информации од Италија велат дека Милан нема да ја активира клаузулата за откуп на централниот напаѓач Никлас Фулкруг, што значи дека германскиот репрезентативец ќе се врати во Вест Хем на крајот од сезоната.

Фулкруг му се приклучи на Милан на почетокот на јануарскиот преоден рок како позајмен играч со опција за откуп, која се проценува на околу пет милиони евра. Во тој период Милан беше без класичен напаѓач бидејќи Сантијаго Хименес беше повреден, а тренерот Масимилијано Алегри често користеше комбинации во кои настапуваа Рафаел Леао, Кристијан Пулишиќ или Кристофер Нкунку.

Од доаѓањето во Милан на втори јануари, Германецот одигра 16 натпревари за Росонерите, но само трипати беше стартер. Единствениот гол за Милан го постигна во победата од 1:0 на домашен терен против Лече на 18 јануари во Серија А.

Според последните информации, ваквиот учинок не е доволен за да го убеди Милан да потроши 5 милиони евра за неговиот трансфер да стане траен ова лето.

Фабрицио Романо тврди дека Фулкруг ќе се врати во Вест хем на крајот од сезоната 2025/2026, а клубот од Премиер лигата ќе се обиде повторно да го испрати на позајмица.

- Оглас -

Најнови вести