Селекторот на фудбалската репрезентација на Велс, Крег Белами, повика 26-мина играчи за ноемвриските средби со кои ќе ги завршат квалификациите за Светското првенство во 2026 година и најавува две победи против Лихтенштајн и Македонија.
Ако Велс ги добие двата меча, ќе го освои второто место во групата и ќе игра бараж за СП. Македонија за да биде втора, треба да го победи Велс, или со реми во Кардиф, но ќе треба претходно Велс да не го победи Лихтенштајн на гости со шест или повеќе голови разлика.
„Треба да победиме двапати. Очекуваме да го победиме Лихтенштајн и нема да се срамам да го кажам тоа. Со Македонија ќе биде поинаков натпревар, но чувствувам дека имаа среќа што не загубија досега. Верувам дека тоа ќе бидат натпревари во кои ќе имаме многу посед на топката и тоа да ни донесе да создаваме шанси“, изјави Белами, кој потврди дека нема да може да смета на повредениот Арон Ремзи.

