Фудбалската репрезентација на Велс пристигна во Скопје непосредно пред вечерашниот официјален тренинг и одржа прес-конференција пред утрешниот меч со Македонија, кој е втор по ред во квалификациите за СП 2026.
Селекторот на Велс, Крег Белами, изрази сочувство за трагедијата што ја зафати Македонија, нагласувајќи дека Велс ја разбира болката на земјата.
„Прво сакам да изразам сочувство на семејствата на жртвите од трагедијата во Македонија. Знаеме низ што поминуваат земјата и народот, ние во Велс сме се соочувале со многу трагедии. Сакам да кажам дека жалиме со вас заради оваа ситуација. Тешко е да се зборува за фудбал во вакви моменти. Македонија е голем предизвик, а лигата Ц е поинаква од лигата Б. Ми се допадна играта на Македонија против Хрватска, контранападите им се силна страна и сигурно ќе имаме интересен натпревар. Плус, Македонија ќе биде многу мотивирана“, изјави Белами.

На прес-конференцијата присуствуваше и капитенот на репрезентацијата на Велс, Бен Дејвис.
„Свесни сме за трагедијата која се случи во Македонија. Како тим разговаравме за тоа и покажавме максимална почит. Освоивме три бода против Казахстан, имавме добар старт на квалификациите, но има работи кои треба да ги поправиме. Се надеваме на добар натпревар во Скопје. Анализиравме како игра Македонија, тимот има силни контри. Ќе мораме да ги запреме и индивидуалците кои се опасни“, рече Дејвис.
Натпреварот меѓу Македонија и Велс ќе се одигра утревечер, со почеток во 20:45 часот, на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.