Карим Бензема на простувањето од Реал Мадрид изјави дека е тажен што по 14 години го напушта Кралскиот клуб.
Бензема во неделата објави дека нема да го продолжи договорот со Реал Мадрид и следниот ден потпиша за саудискиот Ал-Итихад.
„Тешко е да се зборува во овој момент, но морам да им се заблагодарам на Реал и на соиграчите. Имав среќа во Реал да го остварам детскиот сон. Ти благодарам претседателе, имав само 21 година кога дојдов тука. Кога те видов за првпат си реков: Овој човек ги донесе Зидан и Роналдо, а сега ме донесе и мене“, изјави Бензема на прес-конференцијата во Мадрид, на која и официјално се прости од Реал.
„Реал Мадрид е најдобриот клуб на светот, најдобриот клуб во историјата. Дојде време да си одам. Ова е тажен ден за мене бидејќи го напуштам овој клуб и тоа ме боли. Сакав тука да ја завршам кариерата, но ми се отворија нови можности“, додаде Бензема.
Французинот му се заблагодари и на тренерот Карло Анчелоти.
„Му благодарам и на тренерот кој секогаш ми даваше поддршка, ми ја креваше самодовербата. Никогаш нема да го заборавам тоа, многу научив од Карло Анчелоти. Мадрид секогаш ќе биде мое семејство, им благодарам и на навивачите“, додаде Бензема.
Карим Бензема во Реал Мадрид пристигна 2009 година и освои вкупно 24 трофеи со Кралскиот клуб.