Во анализата по натпреварот Астон вила – Манчестер јунајтед за телевизијата „Скај спортс“, поранешниот играч на Црвените ѓаволи, Димитар Бербатов, изјави дека е срамота што за најдобар играч на мечот бил прогласен 36-годишниот дефанзивец Џони Еванс.
„Се обидувам да ги најдам вистинските зборови. Сите на теренот треба да се засрамат што Еванс, секоја чест за него, е играч на натпреварот со 36 години. Јунајтед е 14-ти на табелата, што е неверојатно. Единствениот начин да се поправи тоа е да се освојуваат бодови, но начинот на којшто тие играат сега, ќе биде тешко“, рече некогашниот напаѓач од Благоевград.
Со неговите зборови се согласи и друга голема легенда на клубот од „Олд Трафорд“, Пол Сколс.
„Џони има 36 години, дојде само да тренира со Манчестер јунајтед, а денеска тој е нивниот најдобар дефанзивец, ова е показател дека нешто не оди добро“, рече поранешниот англиски играч за врска.