Еден од најпопуларните и најконтроверзни ликови во светот на фудбалот, Силвио Берлускони, почина денеска на 86-годишна возраст. Берлускони е човекот кој остави траен печат во историјата на Милан, а смртта го затекна како претседател на Монца, клуб кој во сезоната што измина за првпат се натпреваруваше во Серија А.
Како премиер на Италија и газда на Милан цели 30 години, Берлускони ќе се памети како многу контроверзен лик, но и како човек кој успеа да го подигне Милан од „мртвите“.
Во 80-тите години на минатиот век, Милан беше клуб кој беше во центарот на фудбалските скандали во Италија. Поради местење натпревари за обложувалниците, Милан во 1980 година беше казнет со испаѓање во Серија Б. Експресно се врати во Серија А, а во 1982 година повторно испадна во втора лига, но овојпат не беше исфрлен, туку едноставно тимот беше очаен и немаше сили да остане во елитното друштво.
Во една таква ситуација, Милан беше клуб со етикета на местачи и беше на работ на банкрот. Силвио Берлускони во тоа време беше газда на Каналеа 5, единствената приватна телевизија со национална концесија. Берлускони првично се обидуваше да го купи Интер, но тоа не му успеваше.
Во 1985 година навивачите на Милан самите го повикаа Берлускони да дојде во нивниот клуб и да ги спаси Росонерите. Во февруари 1986 година, Берлускони влегува во Милан. Иако ривалите не веруваа многу во способноста на Берлускони, тој успеа уште во првата сезона да го реорганизира клубот.
Беше отворен нов фаншоп во центарот на градот, започна да работи и магазинот „Форца Милан“, а за сезоната 1986/87 беа продадени дури 60.000 сезонски билети. Освен со логистичката поддршка, Берлускони започна и со создавање на нова екипа. Прв играч кој дојде во Милан под водство на Берлускони е Роберто Донадони од Аталанта.
Овој трансфер бил шокантен затоа што Донадони бил договорен да замине во Јувентус, но наместо во Торино, тој дојде во Милано. Во првата сезона под водство на Берлускони, Милан стигна до петтото место и се избори за учество во Купот на УЕФА. Главната цел на Берлускони била да направи да игра офанзивно. Прво решава да го доведе Ариго Саки за нов тренер, а многумина биле изненадени од овој избор затоа што се работело за прилично анонимен стратег.
Филозофијата на Саки била да не се игра „бункер“, како што тоа било препознатливо за италијанските екипи. Со пресинг по целиот терен, Милан во формација 4-4-2, во 1988 година стигна до првата титула во Серија А по пауза од девет години. Во клубот доаѓаат холандското трио Mарко ван Бастен, Франк Рајкард и Руд Гулит, а Милан започнува да доминира.
Во 1989 година, Росонерите го освојуваат Купот на европски шампиони откако во реваншот од полуфиналето со 5:0 го демолираа Реал Мадрид, а во финалето ја растурија Стеауа со 4:0. Следната година Милан ја одбрани европската титула со победата од 1:0 во финалето против Бенфика и со тоа Росонерите потврдија дека се најсилниот клуб во светот.
Ван Бастен во 1988 и 1989 година ја освојува Златната топка за најдобар фудбалер во светот, а Милан продолжува да доминира и кога Саки си замина во 1991 година. Од 1992 до 1994 година Милан освои три титули во Серија А, Ван Бастен повторно ја освои Златната топка во 1992 година, а Милан беше во неверојатна низа од 58 меча без пораз во првенството. Од 1993 до 1995 година Милан трипати играше во финалето на ЛШ, а круна на владеењето на Капело беше финалето во 1994 година, кога Росонерите со убедливи 4:0 ја победија Барселона иако тимот предводен од Јохан Кројф беше фаворит.
Роси на голот, Тасоти, Панучи, Албертини, Гали, Малдини, Донадони, Десаи, Бобан, Савичевиќ и Масаро беа незадржливи и на доминантен начин стигнаа до европската титула.
Во 1994 година Берлускони стана и премиер на Италија, позиција на која се враќаше три пати и последен пат беше предводник на власта во 2011 година. Од фудбалски аспект, по европската титула во 1994 година, Милан потоа немаше многу успех на меѓународна сцена, но освојуваше трофеи во домашните натпреварувања.
Во 2001 година, како нов спасител на Милан на клупата се појави Карло Анчелоти. Росонерите беа без трофеј две сезони, а со доаѓањето на Анчелоти, тоа се смени. Берлускони првично бил разочаран од „бункерскиот “ стил на Анчелоти, но откако се состави составот со Дида на голот, а Пирло, Руи Коста, Ривалдо, Пипо Инѕаги и Андриј Шевченко во нападот, почнаа да пристигнуваат и трофеите.
Во 2003 година, Милан стигна до нова европска титула по победата над Јувентус во финалето. Во 2005 година Росонерите го загубија историското финале од Ливерпул кога водеа со 3:0 на полувреме, но потоа беше 3:3, а англискиот тим победи на пенали.
Во 2011 година Милан ја освои последната титула во Серија А со Берлускони како газда. Во целиот овој период, Белускони постојано е следен од најразлични скандали, но и покрај сите тие скандали, успеа да го менаџира Милан да биде европски гигант. Во 2016 година, Берлускони се реши да го продаде клубот, и тоа за сума од 740 милиони евра на кинески бизнисмен.
„Со голема жал го оставам Милан, но за да можете да бидете на врвот во овој модерен фудбал, потребни се многу повеќе ресурси од тоа што може да ги даде едно семејство“, изјави Берлускони по целосното повлекување од Милан.