Попладнево се одиграа еден меч од првата, и сите средби од втората фудбалска лига на Македонија.
Македонија Ѓорче Петров ја оствари целта да остане непоразена во Струга и одигра 0-0 против лидерот Струга Трим Лум. Лавовите од Ѓорче цело второ полувреме го играа со човек помалку, по исклучувањето на Адама Самаке.
Трагичар на мечот е Бесарт Ибраими, кој не реализираше два пенали. Голманот Христијан Стевковски му го одбрани првиот пенал на ветеранот Ибраими, а во вториот обид, Ибраими ја погоди стативата.
Во 86-та минута, ѓорчепетровци имаа одлична шанса, но Лазаревиќ не постигна гол од убава ситуација. За стружани, ова е трето реми по ред, па Шкупи утре има шанса да го преземе првото место.
Воистоинска драма имаше на другата страна од Охридското Езеро, во втората лига, каде Охрид Лихнидос го пречека скопски Вардар. Во 94-та минута домашните имаа огромна шанса, но ја погодија само стативата, а во следниот напад, на другата страна Жоглев постигна гол за Црвено-црните кој донесе огромна радост кај гостите.
Гостивар ја оправда фаворитската улога против Каменица Саса, па гостварци остануваат први со три бода предност во однос на Вардар и Воска спорт.