БЕШЕ ТОА ПРЕД 20 ГОДИНИ: Солскјер на „Камп ноу“ ја имаше фудбалската бајка на кариерата

Оле Гунар Солскјер повеќе од една деценија како играч ги бранеше боите на Манчестер јунајтед. Од пред неколку месеци е на чело на клупата на најтрофејниот англиски клуб и се надева дека ќе има барем приближно исто успеси како во времето кога беше играч на „црвените ѓаволи“.

Некогашниот голгетер на Манчестер најубавата фудбалска бајка во играчката кариера ја имаше на „Камп ноу“, стадионот каде што вечерва ќе гостува, но како тренер на Јунајтед. Беше тоа речиси пред 20 години. Манчестер играше во финалето на ЛШ, а противник беше Баерн Минхен.

Германскиот гигант имаше предност од 1:0 и така беше сè до 90-тата минута. Најпрво Теди Шерингам израмни на 1-1, а Солскјер, кој влезе во игра од клупата за резерви, во 93-тата минута погоди за неверојатен пресврт. Погодокот на Солскјер беше шампионски за Манчестер јунајтед.

https://youtu.be/1ot6P2lazZA

Солскјер многу добро се сеќава на тој меч и открива дека по големата прослава дури и се повредил.

„Точно е дека се повредив, бидејќи малку претерав во славењето по мечот. Ги истегнав лигаментите и поради тоа пропуштив неколку меча на репрезентацијата. Сепак, кога ќе се сетам на голот, повторно би поминал низ тоа. Тој погодок го имам гледано безброј пати и ќе го памтам цел живот“, рече Солскјер.

Сега на Норвежанецот ќе му треба нова магија за да успее да го однесе својот тим во полуфиналето од ЛШ. Тој нема да биде на теренот, но покрај аут-линијата ќе ги води „црвените ѓаволи“ кои никогаш не се предаваат. Едноставно, на „Камп ноу“ вечерва треба да има меч за уживање, а Солскјер да се надева дека ќе се радува како во 1999 година.

 

 

- Оглас -

Најнови вести