Македонија на дуелот против Италија покажа дека знае добро да се одбрани и потоа да ја искористи шансата што ќе ја добие од противникот за да постигне гол, па мечот во Скопје пред три дена заврши 1:1. Македонија на таа средба беше во улога на аутсајдер и селекторот Благоја Милевски уште еднаш покажа дека „му лежат“ Аѕурите, кои пред една и пол година ги победи во Палермо со 1:0.
Сега, против Малта, ситуацијата ќе биде сосема поинаква. Иако играме на гостински терен, Македонија е фаворит. Мора да постигнеме гол, мора да победиме. Токму затоа селекторот Благоја Милевски ќе игра со поофанзивна формација од тоа што излеговме на мегдан против Италија.
Во Малта не се многу заинтересирани за фудбалот. Речиси во ниту еден медиум нема никакви информации дека нивниот национален тим вечерва ќе игра квалификации против Македонија. Посакуваме и по овој дуел Малта да остане со нула бодови во групата, а Македонија да ги задржи шансите за пласман на ЕП 2024.