Наполи ќе настапи без капитенот Лоренцо Инсиње во претстојното дерби против Јувентус од третото коло во Серија А. Клучниот офанзивец на екипата од „Сан Паоло“ се повреди само по 22 минути во победата од 6-0 над Џенова, по што на негово место во игра влезе Елиф Елмас.
Иако италијанскиот репрезентативец треба да изврши детални прегледи, неговиот агент Винченцо Писакане потврди дека Инсиње нема да биде во конкуренција за мечот против актуелниот шампион, како и во следниот циклус од Лигата на нациите на почетокот од октомври.
„Се разбира дека е лут. Не сакаше на ваков начин да ја почне сезоната. Лут е бидејќи дербито против Јувентус е единственото кое не сакаше да го пропушти, а не е во можност да ѝ помогне на екипата“, истакна Писакане.
Македонскиот талент искористи со настапот од клупа со сефте погодок во новата сезона, но, сепак, за Џенаро Гатузо е големо разочарување што нема да смета на Инсиње.
Дербито Јувентус – Наполи кое ќе се игра на „Алијанц стадионот“ во Торино е закажано за 4 октомври, во 20:45 часот.