Битка на „Енфилд“ од тешка категорија, се игра за повеќе од три бода, објавени можните состави

Време е за најголемото англиски дерби, од 17.30 часот Ливерпул и Манчестер јунајтед ја почнуваат битката за победата, но и за првото место на табелата во Премиер лигата.

Актуелниот првак Ливерпул не е во најдобра форма во последно време, имаат серија од три меча без победа, па затоа сега се трети на табелата, но триумф над Црвените ѓаволи целосно ќе го врати Ливерпул во живот. Не треба никој да се сомнева дека Јирген Клоп до максимум ќе ги мотивира своите момци и дека тие ќе изгинат на терен за да го стигнат Манчестер кој им бега три бода.

Проблемите со повредите имаат влијание врз резултатите на Ливерпул. Ван Дајк, Гомес и Жота подолго се во аут, повредени се и Цимикас и Кеита, а неизвесен е настапот на Жоел Матип.

Јунајтед е во еуфорија, редат победи, први се на табелата, првпат после шампионската 2013 водат во Премиер лигата во овој период од годината, немаат пораз на последните 11 меча од Премиер лигата. Последниот пораз им е на 1 ноември, дома од Арсенал. Со реми, Манчестер јунајтед останува прв, но ако победи на „Енфилд“, би побегнале на 6 бода разлика, што би им дало силен импулс во трката за титулата.

Оле Гунар Солскјер не знае дали ќе може да смета на Линделоф и Матиќ, а неизвесен е и Марсијал, кој сепак ако има потреба, ќе биде на терен. Јунајтед од 2016 година не победил во Ливерпул, тогаш победата им ја донесе сега веќе пензионираниот Вејн Руни.

Ливерпул и Манчестер јунајтед ќе се сретнат меѓусебе и следната недела, во ФА купот, но тогаш на „Олд Трафорд“. Ривалството на овие два клуба датира уште од 19-тиот век, а ривалството не почна од фудбалски, туку од економски причини. Пред 126 години, огорчени трговци од Манчестер на кои им се наплаќаа високи такси на пристаништето во Ливерпул, изградија бродски канал преку кој суровините за своите текстилни фабрики би ги носеле директно во фабриките, заобиколувајќи го Ливерпул. Поради тоа, многу луѓе во Ливерпул останале без работа и ги обвинија луѓето од Манчестер.

Подоцна непријателството се пресели на фудбалските терени, Ливерпул прв освои титула во 1901, но Манчестер има една титула повеќе. Тоа се и најтрофејните клубови во Англија, има многу традиција, историја, спектаклот е загарантиран.

МОЖНИ СОСТАВИ

Ливерпул (4-3-3): Алисон, Александер Арнолд, Вилијамс, Фабињо, Робертсон, Хендерсон, Алкантара, Вајналдум, Салах, Фирмино, Мане.

Манчестер ј. (4-2-3-1): Де Геа, Шоу, Мегваер, Линделоф, Ван Бисака, Фред, Мектоминеј, Рашфорд, Фернандеш, Гринвуд, Марсијал.

Судија: Пол Тирни.

- Оглас -

Најнови вести