Блескава беше 2018, а Јакимовски и Ивановски очекуваат олимписка норма во 2019 година

Сезоната 2018 којашто завршува со изборите за спортисти на годината беше најуспешната за убедливо најдобриот атлетски тандем што го имала Македонија во својата спортска историја. Тандемот Јакимовски и Ивановски беспрекорно функционира веќе цели 4 сезони како тренер и ученик, а воедно и како двајца најуспешни Македонци во своите категории.

Дарио е веќе 4 години неприкосновен државен репрезентативец, шампион и рекордер со убедливо најдобри постигнувања во сите дисциплини од 800м до полумаратон, додека неговиот тренер Игор Емси е убедливо најдобар во својата ветеранска категорија над 40 години, а постојано со своите резултати е во врвот на македонската атлетика кога се натпреварува и со нашите најдобри атлетичари.

Затоа и крајот на сезоната значеше крунисување со годишните награди кои Дарио ги доби заслужено. Избран е за најдобар атлетичар на Македонија за 2018 година, а во изборот за спортист на годината на градот Скопје го освои седмото место во конкуренција на врвни спортисти од главниот град.

„Оваа сезона Дарио повторно ја испишуваше нашата спортска историја. Неговите рекорди, победи и моќни настапи ме направија горд до небо, а Македонија доби вистинска национална гордост во неговата личност.Да се биде тренер на овој воин, кој е беспрекорно точен, дисциплиниран и неверојатно мотивиран за извршување на сите поставени задачи на тренинг, навистина е голема чест за мене да се работи посветено 100% со него. Неговите успеси во 2018 година се еден куп, а јас би ги издвоил победите на Белградскиот и Скопскиот полумаратон со поставени рекорди на патеките, финалето на медитеранските игри во Тарагона, Шпанија, срушени уште два национални рекорди на 3.000 m во сала (08.14.44) и 3.000 m на отворено (08.17.65), освоено второ место на меѓународниот Бели крос, Белград, два пати освоено четврто место на балканските првенства во сала и отворено на 1.500 m и 3.000 m, учества на Светско првенство во сала Бирмингам, Англија, Европско првенство на отворено во Берлин, Германија и Европско првенство во крос, Тилбург, Холандија, каде што истрча свои најдобри трки“, ни изјави Игор.

Под водство на Игор, Дарио е сè подобар, а најавува дека во 2019 година е подготвен за уште подобри резултати од досега постигнатите.

„Можам да констатирам дека имав најуспешна сезона, но јас знам дека можам уште подобро и побрзо.Мојата крајна цел е да бидам атлетичар со олимписка норма, нешто што Македонија одамна го нема. Очекувам поддршка од сите спортски институции, авторитети и од моите спонзори за да успеам до мојата цел за настап на Олимписките игри во Токио 2020 година“, рече Дарио, кој ги откри плановите за годината која доаѓа.

Игор и Дарио моментално се подготвуваат за сезоната 2019 и како што не уверува Игор, формата на Дарио за стартот на сезоната е на највисоко ниво и со нетрпение чека тоа да го докаже на патека. Првиот настап е на атлетски митинг во Софија, а веќе на Богојавление Водици, Дарио ќе настапи на Медитеранските игри до 23 години во Марсеј, Франција. Потоа ќе следи настап на Балканското првенство во Истанбул, за да се заврши на Европското првенство во сала кое ќе се одржи во Глазгов, Шкотска.

Следниот клучен и главен настан ќе биде настапот на Светското првенство кое оваа година ќе се одржи во Доха, Катар.

Тандемот Јакимовски и Ивановски веќе цели 8 години Sport Life ги подржува во сите нивни спортски подготовки и натпреварувања. Соработката продолжува и понатаму бидејќи нивните успеси се и наша гордост како верни подржувачи во националните спортови.

- Оглас -

Најнови вести