Феникс санс го доби воведниот меч од финалната серија против Милвоки со 118:105 благодарение на блескавата партија на Крис Пол. Фантастичниот плејмејкер на 36 години дочека да се бори за шампионски прстен, а во своето деби во големото финале се погрижи да нема дилеми околу тоа кој ќе слави во Сончевата долина.
Елените имаа резултатска контрола само во првите пет минути од воведниот период, по што Феникс ја презеде иницијативата. Веќе на стартот од второто полувреме домаќините стигнаа до двоцифрена предност, а кога во еден момент Сонцата поведоа со +20 поени разлика, беше знак дека домашната публика може да се подготвува за прва прослава.
На Пол му недостасуваше една асистенција да оствари дабл-дабл учинок при постигнатите 32 поени, додека Букер со 27 поени и Ејтон со 22 поени и 19 скока еднакво придонесоа за првата победа на Феникс. Мидлтон со 29 поени беше најефикасен поединец меѓу Елените, додека Адетокумбо иако се врати од повреда на коленото, успеа да забележи дабл-дабл од 20 поени и 17 скока.
https://www.youtube.com/watch?v=bNXzz9jJXIc