Црвена ѕвезда стигна до првата победа во групната фаза од Лигата на Европа откако во Белград со убедливи 5:1 славеше против Слован Либерец. За српскиот првак ова е историски највисока победа во меч од кое било европско натпреварување.
Бен Ел Фарду со два гола во првите 22 минути го најави високиот триумф за домаќините, а Ливерец пред крајот на првиот дел намали на 1:2. За гостите да немаат никаква надеж дека може непоразени да си заминат од ова гостување, се погрижија Гајиќ, Катаи и Фалчинели, кои погодуваа во второто полувреме, и тоа до 70-тата минута. Во последните 20 минути немаше промена на резултатот и Црвена ѕвезда се радуваше на триумф од 5:1.
Англискиот Тотенхем беше непријатно изненаден на гости кај Антверпен. Домаќините со голот на Рефаелов поведоа во 29-тата минута, а на крајот тоа се покажа како конечен резултат. Во второто полувреме кај англискиот тим во игра влегоа Кејн, Сон, Ламела, Лукас, но и првотимците не успеаја да го спасат Тотенхем од пораз.
Милан без многу мака со 3:0 славеше против Спарта Прага, а Лестер на гости го победи АЕК со 2:1. Во останатите мечеви: ЦСКА Москва – Динамо Загреб 0:0, Феенорд – Волфсбергер 1:4, Гент – Хофенхајм 1:4, ЛАСК – Лудогорец 4:3, Лил – Селтик 2:2, Карабах – Вилјареал 1:3, Сиваспор – Макаби ТА 1:2 и Зорја – Брага 1:2.