3.8 C
Skopje
вторник, 23 декември 2025

Блеснаа реконструираните спортски игралишта во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Министерот за спорт, Борко Ристовски, и градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска официјално ги пуштија во употреба реконструираните спортски игралишта во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Министерството за спорт одговори на барањето на студентите и заедно со Општина Карпош ја реализира најавената инвестиција со која е извршена комплетна санација и реконструкција на просторот за спорт и рекреација во најголемиот државен студентски дом.

Со оваа инвестиција, студентите добија современо уредени игралишта за фудбал и кошарка со полипропиленски под, изведени според современи стандарди.

Министерот Ристовски ја истакна добрата соработка на Министерството за спорт со локалната самоуправа во реализацијата на овие инфраструктурни проекти кои овозможуваат активен и здрав живот на сите граѓани, особено на младата популација.

„Заедно со градоначалникот Лукровски го реализиравме овој проект со што значително ќе се подобри инфраструктурата на ова спортско игралиште во состав на студентскиот дом „ Гоце Делчев“. Секако , приоритет за ползување на истото, ќе имаат студентите од овој студентски дом, но и сите карпошани. Затоа, јас како министер и ние како министерство и во иднина постојано ќе се заложуваме и ќе инвестираме во подобрување на условите за спортските активности“, нагласи Ристовски.

Министерот Ристовски и градоначалникот Лукровски заеднички се согласија дека успешната соработка меѓу локалната самоуправа и ресорното министерство ќе продолжи и во иднина, со тоа што ќе се работи на подобрување на севкупната спортска инфраструктурна мрежа на територијата на Општината.

За подобрување на условите за универзитетскиот спорт и за студентите, Министерството за спорт ја почна и постапката за реконструкција на спортската сала во кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје што ја спроведува во соработка со ректоратот на УКИМ. Реконструкцијата на салата на УКИМ треба да биде завршена во текот на наредната година и таа одново ќе биде ставена на располагање на над 4.000 студенти за спроведување на наставата и за одржување на други спортски активности.

- Оглас -

Најнови вести