Неверојатна елиминација на македонскиот одбојкарски првак Струмица од ЦЕВ купот. Струмичани кои во своите редови ја имаат речиси целата македонска репрезентација, на првиот меч дома со унгарски Капошвар победија со 3-0 во сетови, но вечерва во Унгарија, загубија истотака со 0-3, па се играше и златен сет, кој Капошвар го доби со 15-11.
Два од загубените сетови беа „на разлика“, со 26-28 и 24-26. Тоа беа сетови кои македонскиот тим можеше да ги добие, особено третиот во кој струмичани имаа и сет-топка при водство од 24-23.
Кинезот Јанг Баочи со 27 поени, беше најдобар поединец кај Капошвар. Тој не играше на првиот меч. Никола Ѓоргиев со 26 поени беше најефективен кај Струмица.
Мечот траеше 99 минути, а статистиката покажува дека Капошвар бил многу подобар во блоковите и сервираните асови, Струмица имала и повеќе грешки, што е разбирливо со оглед на конечниот резултат.
Со победата над Струмица, Капошвар си обезбеди дуели со Галатасарај во следното коло.