Светскиот рекордер на сто метри, Јусеин Болт, тврди дека бил измамен и дека загубил 12 милиони долари. Според извештајот на јамајканскиот весник „Обсервер“, Болт пред 12 години инвестирал 10 милиони долари во јамајканската компанија „Stocks and Securities Limited“.
Компанијата подолг период била под истрага и на крајот пропаднала, откако се докажало дека измамила голем број инвеститори за вкупен износ од 1,2 милијарди долари.
Болт изјавил дека на сметката кај нив имал 12 милиони долари, но одеднаш, без да направи никаква трансакција, тој износ се намалил на само 12.000 долари.
„Јусеин е длабоко и искрено разочаран и фрустриран. Шокиран е од неговата сопствена земја, која ја стави на светската мапа со своите спортски успеси, а сега дозволува вакви нешта. Тој вложил пари кои не може да ги врати“, изјави неговиот адвокат Линтон Гордон за весникот „Јамајка Глинер“.