Шампионот на Босна и Херцеговина, екипата на Борац Бања Лука, продолжува со успешниот настап во Конференциската лига на УЕФА откако синоќа со 2:1 славеше над ЛАСК Линц. За Борац ова е втора победа, а има уште и едно реми и само еден пораз во досегашните четири меча, па едноставно е на добар пат да обезбеди место и во бараж-нокаут мечевите од третото по ранг натпреварување на УЕФА.
Победата над ЛАСК има посебно значење поради две работи. Првата е затоа што Борац покажа победнички карактер, па откако беше во негатива од 0:1, со два погодоци во последните 10 минути направи целосен пресврт и стигна до победа од 2:1.
Во стартниот состав на Борац имаше фудбалери од шесте некогашни југословенски републики, а тоа го посочи тренерот на голманите, Синиша Мркобрада.
„Знам дека многумина во денешно време се ежат од терминот братство-единство, но забележав дека мојот Борац во една од најголемите победи во историјата, случајно во составот имаше фудбалери од сите шест поранешни југословенски републики“, посочи тренерот на голманите Мркобрада. Интересно е дека денешниот датум, 29 ноември, беше Денот на републиката во некогашна Југославија.
Поранешниот македонски репрезентативец Бобан Николов беше Македонецот во стартниот состав на Борац, каде што имаше играчи и од Црна Гора, Србија, Хрватска, Словенија и, секако, од Босна и Херцеговина.