Борко за настапот на Македонија на ЕП: Целосно промашена стратегија, никој не смее да се поставува како апсолутен крал

Некогашниот репрезентативен голман на Македонија, Борко Ристовски во гостување на Македонската радио телевизија (МТВ) го коментираше и анализираше настапот на нашата репрезентација на Европското првенство во Германија. Ристовски вели дека во изминативе неколку години, репрезентацијата на Македонија нема добиено апсолутно ништо и нема никаков развој.

„Желбите се едно, можностите друго, а реалноста сосема трето. Мора да с еима стратегија, долгорочна стратегија. Ние ниту изградивме препознатлив стил на игра, ниту добивме некој голем фонд на играчи кои што требаше да бидат носители на репрезентацијата во следните 10-12 години. Апсолутно ништо не добивме, а загубивме драгоцено искуство на три големи натпреварувања кои можеа да бидат од круцијално значење и за иднината на македонскиот ракомет и за иднината на сите овие играчи кои беа дел од националниот тим“, рече Ристовски.

Некогашниот „министер за одбрана“ е подготвен со кого било да седне на маса и да разговара за доброто на македонскиот ракомет.

„Јас немам тренерски амбиции, но стратегиски и тоа како можам да зборам, да дебатирам и да кажам мое мислење. Стратегијата на македонската репрезентација е сосема промашена. Со таква стратегија не може да очекуваме да бидеме подобри од тоа што сме сега. Селекторот во една изјава ги потцени сите македонски клубови, сите македонски тренери се она што се работи во ракометот кај нас. Тој се залага за да бидат што е можно повеќе репрезентативци во еден клуб, а јас сакам да градиме млади ракометари и да ги пуштиме во странство да се калат и потоа да дојдат тука и да го извлечеме максимумот од нив. Во Словенија или Шпанија сигурно не се сите репрезентативци од еден клуб или само од домашната лига. Во 90 посто од примерите се контра од тоа што сега се пропагира“, коментира Ристовски.

За Борко не е логично селекторот да има помошник тренер кој доаѓа од женски ракомет, а во машкиот ракометен свет имаме голем број на докажани поранешни играчи, но и добри тренери.

„Имаме квалитетни тренери, но тие низ годините треба да се развиваат. Селекторот да има помошник тренер кој доаѓа од женски ракомет. Немам ништо против никого, само логично размислувам. Каде е селекторот од младинска, од кадетска репрезентација. Имаме квалитетни луѓе кои може да дадат добар совет. Некој се поставува како апсолутен крал на целата тренерска и спортска фела. Не може да има развој ако наопачки се поставени работите. Не може да се стават личните интереси над националните. “, констатира Борко во својот коментар.

На ЕП, Македонија беше во група со Франција, Германија и Швајцарија. Во првите две кола нашата селекција убедливо загуби од Франција која веќе е во финалето и од Германија која се бори за медал, а во последното коло ја победивме Швајцарија.

- Оглас -

Најнови вести