Се најавуваше почеток на ерата на Алкарас, а Шпанецот повторно се откажува од еден важен турнир

Карлос Алкарас е далеку од атак на првото место на АТП листата бидејќи заостанува речиси 2.000 поени зад најдобриот Новак Ѓоковиќ. Младиот шпански тенисер моментално е на третото место со 500 бодови помалку и од второпласираниот Јаник Синер од Италија.

Најголема причина за овој пад и заостанување на Алкарас на АТП листата се повредите кои го мачат младиот тенисер. Иако има само 20 години, Алкарас сезонава ги пропушти турнирите во Монте Карло и Барселона, во Мадрид беше елиминиран во раната фаза од Андреј Рублјов, а сега е јасно дека нема да се појави ниту на мастерсот во Рим.

„Почувствував болки додека играв во Мадрид. Блага болка почувствував во раката. Лекарските тестови покажаа дека имам оток на мускулот на подлактицата. Тоа е последица од некоја повреда претходно. За жал, нема да можам да играм во Рим. Морам добро да закрепнам, за да продолжам да играм целосно подготвен, да немам никаква болка“, рече Алкарас, кој со оваа порака преку социјалните мрежи ги разочара многубројните фанови дека нема да настапи во Рим.

Алкарас заблеска на светската сцена на САД опен во 2022 година кога го освои својот прв Гренд слем турнир. Младиот Шпанец стигна и до првото место на АТП листата, а кулминација му беше победата над Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон лани. Тогаш започнаа и најавите дека започнува ерата на Алкарас, повредите се постојана сенка на Шпанецот.

Во август 2021 година имаше скинато мускулно влакно на стомакот и се повлече од САД опен. Поради истата повреда не играше ниту во Торино 2022 година, а лани се повлече од Австралија опен поради болки во нозете. Во Рио минатата година имаше повреда на бутниот мускул и повторно паузираше. Сезонава повторно пропушта неколку важни турнири што е знак дека иако има само 20 години, Алкарас има големи проблеми со повредите.

 

 

- Оглас -

Најнови вести