Босна и Херцеговина в сабота ќе гостува кај Казахстан, во меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар. Според квалитетот на двете селекции, БиХ е фаворит за победа, иако во четирите меча од квалификациите уште не се израдувале на триумф.
Пред неполн месец БиХ на свој терен киксираше и одигра 2:2 против Казахстан, а сега средбата ќе се игра во Нур-Султан. Пред самото патување, репрезентацијата на БиХ се соочи со неочекуван проблем. Дури шестмина фудбалери не добија виза за влез во Казахстан, па на ова патување не заминаа Прчиќ, Сариќ, Хаџикадуниќ, Џумиќ, Налиќ и Газибеговиќ.
„Од Федерацијата, како и секогаш, беа преземени сите потребни активности околу патувањето на нашиот национален тим и навистина е несфатливо дека дури шестмина репрезентативци не добија виза за патување во Казахстан. Од Федерацијата беа искористени сите расположливи ресурси, се обративме и во УЕФА за помош“, стои во соопштението од ФС БиХ.