Екипите на Индијана пејсерс и Њујорк никс обезбедија пласман во полуфиналето на Источната конференција откако утринава дојдоа до четврти победи над фаворизираните Милвоки бакс и Филаделфија сиксерс.
И десетта година по ред откако Филаделфија го избра Џоел Ембид како прв пик на драфтот и го започна „процесот“, не успева да обезбеди пласман ниту во финалето на Источната конференција.
Овој пат непремостлива пречка и тоа во првата рунда од плејофот беше Њујорк никс кој во своите редови го има Џејлен Брансон, кој беше нерешлива енигма за играчите на Филаделфија и го водеше својот тим до конечен триумф од 4-2 во победи. Секогаш кога беше потребно, тој постигнуваше поени, а во четвртата победа во серијата од 118:115 постигна 41 поен и имаше 12 асистенции. Брансон на последните четири меча од серијата постигнуваше 39,47, 40 и утринава 41 поен.
Одлична партија одиграа и Донте Дивинченцо 23 поени и Огугуа Ануноби кој даде 19 поени и го имаше потегот на натпреварот кога заби преку Ембид. Кај Филаделфија, Џоел Ембид беше најдобар со 39 поени и 13 скока.
Во возбудливиот натпревар, одлучувачки момент беше тројката на 24 секунди до крајот кој ја постигна Џош Харт со која Њијорк поведе со 114:111, а потоа Брансон и Дивиченцо беа прецизни од линијата за слободни фрлања за триумф кој го однесе Њујорк во следната рунда.
Во полуфиналето на Истокот, Њујорк ќе игра против Индијана пејсерс која исто така до 4-2 во победи го елиминира Милвоки бакс кој пред почетокот на плејофот остана без првата ѕвезда, Јанис Адетокумбо. Откако Милвоки во 2022 година ја освои титулата, во наредните две изданија на плејофот испаѓа во првата или во втората рунда.
Индијана во шестиот меч славеше со 120:98 во меч во кој резервистите на Пејсерси дадоа дури 40 поени. Индијана дилемите околу победникот ги реши уште во првата четвртина кога направија серија 23:3 и поведе со 29:19 и водсвото не го испушти до крајот. Оби Топин со 21, Брук Лопез и Ти-Џеј Меконел со по 20 поени беа најпрецизни кај Индијана, додека кај Милвоки, Дамиан Лилард постигна 28 поени.