Пет години од почетокот на хуманитарната акција на Sport Life во која познати лица од светот на спортот и естрадата типуваат фудбалски мечеви во хуманитарни цели, а конечно се најде јунак кој ќе ги погоди сите прогнозирани натпревари на хуманитарниот тикет.
Тоа е кошаркарскиот тренер Емил Рајковиќ, кој се покажа како успешен прогнозер, предвиде конечни исходи на шест натпревари од фудбалската Лига на нации.
Рајковиќ погоди дека во саботата Хрватите ќе ја победат Шкотска (мечот заврши 2-1, а за среќа на Шкотите им беше поништен гол за 2-2 во 95-та минута), предвиде победа на Србија над Швајцарија (конечни 2-0) и на Шпанија против Данска (заврши 1-0).
Останаа во недела да се чекаат победи на Англија над Финска, на Македонија против Ерменија и на Австрија во дуелот со Норвешка. Тука работите одеа речиси како подмачкани, Англичаните победија 3-1, Македонија 2-0, а Австријците 5-1.
Вкупната погодена квота за шесте меча е 52.17 што воопшто не е за потценување, напротив, сите обложувачи би сакале да имаат ваков добитен коефициент.
„Мило ми е што сум првиот со добитен хуманитарен тикет, ете ѕвездите ми беа наклонети. Имам некои основни познавања, гледам фудбал, но не ги следам толку детално репрезентацииве, па може да се каже дека типував и погодив повеќе благодарение на интуицијата. Решив парите од добивката да ги донирам во СОС Детското село“, откри Рајковиќ.