Бразил го намачи првакот, сега со домаќинот, Србите ја предизвикуваат Франција

Светското ракометно првенство денеска нуди комбинација од неколку интересни натпревари и некои во кои едната репрезентација е огромен фаворит.

Со жестокиот отпор против светскиот првак Франција, Бразилците покажаа дека се најдобар тим во Јужна Америка и оти може да изненадат во групата во Берлин. Но, вечерва против себе ќе ја имаат Германија која ќе има поддршка од трибините и ќе биде реваншистички настроена за да има врати на „кариоките“ за поразот на Олимписките игри во Рио во 2016 година. Тој триумф од 33:30 е единствен за Бразил во меѓусебните дуели со Германија.

Србија вчера можеше да победи, но и да загуби против Русија, па на крај средбата заврши нерешено, а вечерва нашите северни соседи ги чека уште поголем предизвик и многу силен противник. Франција потфрли во второто полувреме против Бразил кога даде само 8 гола, но победи со два гола разлика. Традицијата најавува победа на „галските петли“. Тие не загубиле од Србија или СР Југославија уште од 1998 година. Севкупно, Франција не знае за пораз уште од 26 јануари минатата година, во полуфиналето на ЕП од Шпанија.

Попладнево Русија мора да ја совлада Кореја, но ќе им треба уште некој што ќе му помогне на Тимур Дибиров, кој даде 12 гола против Србија. Данска на стартот го прегази Чиле, а ниту на Тунис не му се пишува добро.

ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Австрија – Чиле (15 часот), Русија – Кореја (15.30), Норвешка – Саудиска Арабија (17.30), Германија – Бразил (18.15), Данска – Тунис (20.15), Франција – Србија (20.30).

- Оглас -

Најнови вести