Бразил е земја која е најголем извозник на фудбалери и тоа е така со децении. Многу бразилски фудбалери се лидери во своите екипи низ целиот свет. Еден од најголемите клубови, Манчестер јунајтед, ова лето реши да доведе двајца докажани бразилски фудбалери, потпишувајќи со Каземиро од Реал Мадрид и Антони од Ајакс.
Трансферот на Антони од Ајакс на „Олд Трафорд“ е дури 100 милиони евра, а интересно е дека од овие пари, добро ќе заработи прославениот бразилски клуб Сао Пауло. Токму од Сао Пауло потекнува Антони, а според договорот, бразилскиот клуб треба да добие 20 отсто од трансфер-сумата на играчот од Ајакс.
Тоа значи дека само од Антони, Сао Пауло ќе заработи 20 милиони евра, плус 3,5 милиони евра од парите од солидарниот фонд.
На сметката на Сао Пауло ќе „легнат“ и 2,8 милиони евра од трансферот на Каземиро од Реал во Манчестер. Тоа значи дека вкупно на сметката на Сао Пауло летово ќе пристигнат над 25 милиони евра, и тоа само од два трансфери на бразилски фудбалери во Манчестер јунајтед.
Ова е само уште еден доказ какви таленти потекнуваат од овие бразилски клубови кои и неколку години подоцна заработуваат од оние фудбалери кои како таленти ги продале низ европските клубови.