Англиските клубови ќе мораат брзо да се прилагодат на измените на трансфер-пазарот веќе од јануари идната година, по одлуката на Британската влада условите за трансфер во земјата на Гордиот Албион да важат исто и за играчите што доаѓаат од Европската Унија, како што досега важеа за фудбалери од државите што не се членки на ЕУ.
Велика Британија и официјално ќе излезе од Европската Унија на 31 декември, а пост-Брегзит периодот ќе им остави само еден месец на англиските, шкотските, ирските и велшките клубови да се прилагодат на ситуацијата.
Тоа значи дека сите фудбалери кои ќе направат трансфер во клубови од Велика Британија ќе мора да ги исполнуваат условите со број на одиграни натпревари за националниот тим, ќе се смета и ранкингот на репрезентацијата на ФИФА листата од каде доаѓа играчот, а и категоријата на Лигата од која би направил трансфер во англиски, шкотски, велшки и ирски клуб.
Исто така со одлуката што стапува во сила на 31 декември годинава, односно за неполн месец, англиските клубови ќе можат да купат само тројца странски играчи на возраст до 21 година во јануарскиот преоден рок, или вкупно шест за цела сезона.
Веќе нема да биде дозволено да се ангажираат фудбалери од странство, и тоа од која било земја што немаат наполнето 18 години.
Досега на вакви строги услови за трансфер во Премиер лигата подлежеа само фудбалери што доаѓаа од земји кои не се членки на ЕУ, но веќе од јануари правилата важат за сите.