Фудбалерите на Арсенал не успеаја да дојдат до победа на гостувањето кај Брентфорд, откако во натпреварот од 26-то коло на Премиер лигата одиграа 1-1, со што предноста над второпласираниот Манчестер сити се намали на само четири бода.
Манчестер сити претходниот ден забележа убедлива победа против Фулам, што го стави Арсенал под дополнителен притисок пред дуелот со тим кој во последните кола славеше против Њукасл и Астон Вила.
Иако Брентфорд оваа сезона игра нестабилно, Арсенал пристигна со намера да продолжи со победничката традиција, но веќе во првото полувреме беше јасно дека нема да им биде лесно. Четири жолти картони во првите 45 минути покажаа дека мечот ќе биде борбен и физички интензивен.
Првата сериозна шанса ја имаше Игор Тијаго, чиј удар со глава во 22-та минута го одбрани Давид Раја. До крајот на полувремето не се случи ништо значајно.
Арсенал поведе во 61-та минута со гол на Нони Мадуеке, кој со глава ја искористи прецизната асистенција на Пјер Инкапи. Домаќините одговорија во 71-та минута кога Кин Луис-Потер постигна гол за 1-1.
Во завршницата, Брентфорд имаше шанси за комплетен пресврт, но Игор Тијаго не успеа да го совлада Раја. На крајот, последната можност ја имаше Габриел Мартинели во третата минута од судиското надополнување, но интервенираше одлично голманот Келехер.

