
„Украина е селекција која не смее да се потцени, но може да ја победиме“, смета селекторот на македонската ракометна репрезентација Данило Брестовац пред утрешниот прв меч на Европското првенство во Виена. Брестовац е задоволен од подготовките, но сега останува тоа најглавното, а тоа е замислите да се спроведат правилно на теренот.
„Оптимист сум. Мислам дека сме подготвени и одиме на победа на првиот меч. Ја анализиравме играта на Украина, а сега останува тактиката квалитетно да биде спроведена на теренот. Ќе ни недостасува командатот Велко Маркоски во одбраната, но мора да го надополниме неговото отсуство. На подготовките одработивме добро, задоволен сум од двата меча во Словенија. На таа игра кога ќе го додадеме капитенот Лазаров, кој не играше на подготовките, ќе го составиме целиот мозаик. Со Кире на теренот може да очекуваме и до 60/70 отсто зголемување на реализацијата. Тој може да навлече двајца играчи, што значи дека ќе се отвори простор за останатите играчи. Мора да ги реализираме зицерите“, вели Брестовац.

Што се однесува до Украина, Брестовац стравува да не влеземе во фајтерска борба против нив затоа што се работи за една од најцврстите репрезентации.
„Украинците се многу големи и физички моќни. Мислам дека се највисоката селекција на првенството. Никако не смееме да играме еден на еден и да не се тепаме со нив. Со тимскиот дух кој го негуваме и со заедничка игра треба да стигнеме до победата затоа што сепак сме поквалитетни од нив“, анализираше селекторот Брестовац.