Женската фудбалска репрезентација на САД го освои бронзениот медал на Олимписките игри во Токио. Во мечот за третото место, Американките предводени од селекторот Влатко Андоновски со 4:3 ја победија Австралија.
Голеадата беше најавена уште во осмата минута, кога Американките поведоа со 1:0, но неполни 10 минути подоцна беше 1:1. Фаворитската улога Американките ја оправдаа со два гола пред крајот на првото полувреме, а на почетокот на вториот дел поведоа и со 4:1.
Во второто полувреме, Австралија тргна офанзивно и даде два гола, намали на 3:4, но не успеа да се спаси од пораз. Американките беа главни фаворитки за златото, но по киксот и поразот во полуфиналето од Канада, на крајот селкцијата предводена од Македонецот Андоновски мораше да се задоволи со бронзата.
Андоновски е вториот Македонец со медал во Токио, но тој не беше под македонско знаме. Најголемиот македонски успех во историјата на ЛОИ во самостојна Македонија го постави Дејан Георгиевски, кој во теквондо, во категорија над 80 килограми стигна до среброто.