Браво Дејан: Македонија првпат освои сребро на Летни олимписки игри!

Дејан Георгиевски стана најуспешниот македонски спортист во историјата на олимписките игри во самостојна Македонија. Нашиот нов херој, во таеквондо во категоријата над 80 килограми, стигна до сребрениот медал откако во финалето, по голема борба, загуби од Владислав Ларин од Русија со 15:9.

Претходно, Македонија како самостојна држава на Олимписките игри имаше еден бронзен медал, и тоа на ЛОИ во Сиднеј од борачот Могамед Ибраимов.

Русинот ја доби првата рунда со 2:0, а на почетокот на втората рунда Георгиевски израмни на 2:2, а потоа Ларин со пет брзи поени отиде на позитива од 7:2. Дејан не се предаде и со три поени во низа стигна до 7:5, но потоа Русинот зададе прецизен удар со нога за 9:5, но нашиот Георгиевски повторно погоди со нога за 9:7 по две одиграни рунди.

Во последната решавачка рунда, Русинот прв доби поен за 10:7, а потоа Дејан возврати за 10:8. Клучниот момент се случи на 50 секунди до крајот, кога Ларин зададе прецизен удар со нога во главата на противникот, што вреди три поени за 13:8.

На патот до финалето, Георгиевски забележа три победи. Во осминафиналето, македонскиот херој го елиминира актуелниот светски првак Рафаел Алба Кастилјо од Куба со 11:8.

Противник во четвртфиналето беше Сејду Гбане од Брегот на Слоновата Коска, а Дејан повторно беше подобар и победи со 9:4 на поени по трите рунди.

Во полуфиналето, ривал на Георгиевски беше фаворизираниот јужнокорејскиот таеквондист Кјо Дон Ин. По првата рунда Кјо Дон Ин водеше со 1:0, но потоа Георгиевски со серија одлични напади стигна до 10:4 и тоа беше најава за пласман во финалето.

 

- Оглас -

Најнови вести