Холандскиот велосипедист Фабио Јакобсен се бори за живот, откако тешко се повреди во финишот на првата етапа од трката „Низ Полска“. Во неизвесна завршница, Јакобсен се обиде да го помине сонародникот Дилан Гроенвеген, кој неспортски реагираше и буквално го турна противникот.
До финишот на трката имаше само уште 10-тина метри кога Јакобсен забрза и успеа да го стигне дотогаш водечкиот велосипедист. Гроенвеген се обиде да затвори од десната страна да не биде престигнат, но Јакобсен беше побрз, кога во еден момент се случи турнувањето.
Со брзина од 80 километри на час, Јакобсен се удри во заштитната ограда, направи салто и заврши со тешки повреди на главата и телото. Повредениот возач удри и во судијата кој стои на финиш линијата и на крајот двајцата, со тешки повреди завршија во болница. Велосипедизмот е во индуцирана кома и се бори за живот.
„Вистина е дека неговиот живот е загрозен. Изгуби многу крв и се здоби со тешки повреди на главата. Успеавме да му ги ослободиме сите дишни патишта, има кислород и ги доби сите потребни лекови. Срцето работи нормално“, соопшти Барбара Јершин која е главен доктор на трката.
Во целиот инцидент беа повредени уште неколку велосипедисти. Гроенвеген кој го предизвика инцидентот веднаш беше суспендиран и му беше одземена победата, а Јакобсен беше прогласен за победник. Сепак, за Јакобсен главна победа ќе биде да успее да закрепне по страшниот пад предизвикан поради некоректноста на неговиот сонародник.