Буфон: Не можев да ја одбијам Старата дама, Јуве е мој дом

Џанлуиџи Буфон и официјално е нов член на Јувентус, неговиот трансфер е комплетиран, легендата се враќа во клубот во кој се прослави, а иако многумина изненади со изборот на клуб за кој ќе брани во следната сезона, 41-годишниот Џиџи вели дека не можел да одолее на поканата од „векија сињора“ (Старата дама), како што е прекарот на клубот чие име на латински значи младост.

„Се вратив бидејќи ова е мој дом, не можев да ја одбијам поканата од Старата дама. Ова ми е еден од најубавите денови во животот. Мило ми е што повторно ќе се гледам и ќе се прегрнувам со овие фанови. Животот е неверојатен“, рече Буфон, кој пред една година го напушти Јуве и премина во Пари Сен Жермен.

Буфон со Јувентус потпиша едногодишен договор, поточно до 30 јуни 2020. Тој се согласи да му биде резерва на Војќех Шченсни, но рече дека би сакал да брани барем на осум меча за да го урне рекордот на Паоло Малдини по бројот на настапи на еден играч во Серија А. Малдини за Милан одигра 647 меча во италијанската лига, а Буфон има 168 за Парма и 472 за Јувентус, вкупно 640.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести