Бугарските медиуми: Во Скопје нема атмосфера за балканското дерби, луѓето не знаат ни дека се игра

Дел од бугарските медиуми потенцираат дека во Скопје е мирно на 4-5 часа пред стартот на балканското дерби меѓу Македонија и Бугарија и дека воопшто нема фудбалска атмосфера каква што се очекува за фудбалски дуел на два соседа.

Веројатно тоа е и поради разочарувачкиот настап и на двете селекции, кои немаат шанси за првото место, кое на едно коло до крајот веќе го освои Грузија.

„Важно е да се победи во Скопје, бидејќи во таков случај Бугарија ќе биде во четвртиот шешир за ждрепката на 9 октомври за квалификациските групи за ЕП 2024.

Кај домаќините изгледа спласна еуфоријата од добрите резултати во последно време. Играа на последното европско првенство и финален бараж за настап на Мундијалот во Катар, но сега ја немаат истата атмосфера. Во Скопје нема ниту еден знак, информација, сигнал дека вечерва од 20.45 часот ќе играат Македонија и Бугарија. Голем дел од граѓаните дури и не знаат ниту дека се игра мечот, ниту кога почнува“, пишува „Спортал.бг“.

Се напоменува дека Бугарија има подобар меѓусебен биланс во дуелите со Македонија со 4 победи и по два порази и нерешени, но од нив само еден меч бил квалификациски, или значаен, а тоа е првиот од овој циклус на Лигата на нациите, кога во Разград беше 1:1.

Македонија и со реми ќе го задржи второто место во четвртата група од Сегментот Ц, бидејќи има 7 бода, еден повеќе од Бугарија.

Мечот се игра од 20.45 часот, на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести