Заминувањето на Чаби Алонсо од клупата на Реал Мадрид ги изненади играчите на Кралскиот клуб, кои за оваа вест дознаа преку официјалното соопштение. Сепак, реакциите не изостанаа, пораки за благодарност и почит почнаа да пристигнуваат речиси веднаш.
Првиот кој се огласи беше Килијан Мбапе, кој преку Инстаграм се прости од поранешниот тренер.
„Беше кратко, но задоволство беше да играм за вас и да учам од вас. Ви благодарам што ми покажавте доверба од првиот ден. Ќе ве паметам како тренер со јасни идеи и длабоко разбирање на фудбалот. Среќно во новата фаза од вашата кариера“, објави Мбапе.
Чаби Алонсо на состанокот испратил порака до челниците, истакнувајќи дека клубот не смее секогаш да биде на страната на фудбалерите.
„Не можете да им давате на играчите толку голема моќ. Невозможно е тренерот да владее во соблекувалната ако клубот секогаш е на страната на играчите“, му порачал шпанскиот стратег на Флорентино Перес.
Нов тренер на Реал Мадрид е Алваро Арбелоа, кој е клупска легенда, но исто така нема искуство во водење на сениорски тим. Тој го предводеше Реал Мадрид Кастилја, а од 2020 година е во академијата на Реал.

