Чаби Алонсо ја соопштил својата одлука на клубот, заминува од Баер Леверкузен и се сели во Мадрид

Шпанскиот стручњак Чаби Алонсо е желба на многу европски клубови, но изгледа дека веќе се знае кој клуб ќе го води по заминувањето од Баер Леверкузен. Алонсо конечно ја донел својата одлука и му ја соопштил на раководството на германскиот шампион. Тој треба да биде следниот тренер на Реал Мадрид.

Чаби Алонсо прави одлична работа на клупата на Баер Леверкузен, со кого минатата година успеа да ја освои двојната круна во Германија. Иако и минатото лето имаше понуди од неколку европски великани, Алонсо реши да остане во Леверкузен, но сега ситуацијата изгледа поинаку и најверојатно ова лето ќе ги спакува куферите.

Раководството на германскиот шампион сакаше Алонсо да остане до крајот на договорот, но свесни се дека тоа тешко ќе се оствари. Она што е за пофалба е дека му порачале дека нема да му прават проблем доколку се појави клуб кој е негова голема желба.

Се разбира, тука, пред сè, се мисли на Реал Мадрид и на Ливерпул, клубови за коишто Алонсо настапуваше како играч, а се чини дека такво сценарио и ќе се реализира.

Алонсо интензивно се поврзува со Реал Мадрид бидејќи речиси е сигурно дека Карло Анчелоти ќе го напушти клубот налето. Флорентино Перес сака токму Алонсо да седне на клупата на Кралевите и изгледа дека работата веќе е договорена.

Тоа го потврдуваат и германските медиуми, кои тврдат дека Алонсо имал состанок со челниците на Баер Леверкузен и им соопштил дека одлучил да го напушти клубот летово и да го преземе Реал Мадрид.

Алонсо побарал оваа информација да не се објавува веднаш бидејќи сака самиот да ја објави во наредните недели дека од следната сезона ќе го води кралскиот клуб.

Исто така, не сака оваа вест да влијае врз настапите на Баер Леверкузен, но со оглед на тоа што прашањето за шампионот на Германија е решено и титулата оди кај Баерн, тој ја соопштил одлуката за да може клубот навреме да бара нов тренер.

- Оглас -

Најнови вести