Лука Модриќ (39) го одигра својот последен натпревар за Реал Мадрид. Во полуфиналето на Светското клупско првенство, тој по 597-ми и последен пат го облече дресот на клубот чија легенда е тој и најтрофеен фудбалер со освоени 28 трофеи. Реал во Њу Џерси загуби со 0-4 од ПСЖ, а Модриќ се прости од Кралскиот клуб и се сели во Милан.
Капитенот на Реал се збогуваше низ солзи со клубот во којшто помина 13 години, а по натпреварот му оддаде почит и неговиот поранешен соиграч, а од синоќа и поранешен тренер, Чаби Алонсо, кој му даде можност да се прости од Реал на неговиот последен меч на Светското првенство. Модриќ влезе во игра во 65-тата минута, кога Реал губеше со 0-3.
„Лука Модриќ нема да биде запаметен по последниот натпревар. Ќе биде запаметен по многу добри работи, а не по овие 25 минути. Тој е легенда, легенда на Реал Мадрид. Чест беше да соработувам со него“, изјави Алонсо.
По последниот натпревар за Реал, Модриќ заплака, а Алонсо го утеши со прегратка и бакнежи.