Борбата за титулата во Првата македонска фудбалска лига се вжештува откако Шкендија како гостин го совлада лидерот Вардар со 0-1 и сега има заостанување само еден бод. Мечот од којшто се очекуваше многу, не понуди фудбалска убавина, а тетовци се покажаа како поискусни во играњето значајни натпревари и од Скопје си заминуваат со големи три бода.
Единствениот гол беше дело на Лиридон Љатифи во 66-тата минута, откако доби одлична асистенција од најискусниот во редовите на Шкендија, Бесарт Ибраими.
Само една минута претходно, Матиќ и Омерагиќ не се снајдоа најдобро пред голот на тетовци, па голманот Гаје излезе како поуспешен и не дозволи неговата екипа да биде во негатива.
Колосална шанса пропушти и Босанчиќ во 82-рата минута, односно гостинскиот голман беше на место и успеа да го одбрани неговиот удар.
По денешниот пораз, Вардар останува без победа над Шкендија на домашен терен и деветта година по ред. Последен пат скопските Црвено-црни се радуваа на домашен триумф над ривалот во 2017 година, кога победија со 4-2.
Вардар останува лидер со 52 бода, но сега има само бод предност во однос на Шкендија.



