Чаби Алонсо нема многу време да се запознае со тимот, бидејќи има една важна цел

Новиот тренер на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, се соочува со огромен предизвик брзо да „влезе во ритам“, бидејќи тимот се смета за фаворит на Светското клупско првенство, кое веќе започна. До денес напладне, Шпанецот не одржа ниту еден тренинг со сите свои играчи, а првиот натпревар на Кралевите во САД е в среда – против Ал-Ахли (21 часот по македонско време) во Мајами.

„Сè мора да се забрза бидејќи имаме малку време да се запознаеме и да тренираме. Постепено се сложуваме и веќе имаме три тренинзи пред првиот натпревар. Доаѓаме со голема желба и амбиција да имаме добар турнир и да стигнеме до финалето“, изјави Алонсо по пристигнувањето на клубот во „Фор Сизонс Палм Бич“ во САД.

Винисиус Жуниор, Арда Гулер и Андриј Лунин исто така пристигнаа во хотелот во Флорида и му се придружија на тимот.

„Момците се во добро расположение. Тие се многу позитивни и постепено ги запознавам“, додаде Алонсо.

Другите два тима во групата на Реал се Пачука и Ред Бул Салцбург. Првите две екипи од секоја група продолжуваат во осминафиналето. Доколку „белите“ стигнат до таму, ќе се натпреваруваат со некого од групата на Манчестер сити и Јувентус.

- Оглас -

Најнови вести