Бранoт на повреди кој го погоди Реал Мадрид минатата сезона сериозно го загрижил новиот тренер на тимот, Чаби Алонсо. Според податоците, само во изминатата година во клубот биле регистрирани 51 повреда, од кои 37 мускулни. Поради тоа, уште при потпишувањето на договорот со Кралскиот клуб, Алонсо побарал клубот да започне со користење на нова технологија за превенција на повреди, наречена „ThermoHuman“.
Шпанскиот стручњак веќе има искуство со оваа технологија од времето кога го водеше Баер Леверкузен, а познато е дека истата ја користат и Астон Вила и Ница.
„ThermoHuman“ користи вештачка интелигенција и термални камери за откривање на потенцијални аномалии со цел да се спречат повреди.
Функционира на следниот начин: играчите поминуваат пред специјална камера, по што софтверот со вештачка интелигенција ги анализира добиените снимки, откривајќи можни разлики во температурата помеѓу две области на телото. Овој метод, кој се базира на голем обем податоци собрани во текот на времето, помага да се идентификува ризикот од повреда.
„Свесни сме дека ако оваа технологија навистина беше чудо, сите врвни клубови ќе ја користеа. Не се залажуваме дека повредите целосно ќе исчезнат, сепак ова не е дијагностичка алатка, но дава одлични индикации. Може да се види дали одреден дел од телото е преоптоварен или има дисбаланс, додека нашата цел секогаш е да ја одржуваме симетријата. „ThermoHuman“ нуди дополнителен софтвер кој овозможува моментална обработка на сите податоци, нивна споредба и давање препораки со помош на вештачка интелигенција. И мора да се знае дека количината на податоци е бескорисна ако немате знаење и способност правилно да ги интерпретирате“, изјавија од Реал Мадрид.