Најбогатата тенисерка во светот ја елиминира актуелната освојувачка на Отвореното првенство на Австралија

Актуелната освојувачка на Отвореното првенство на Австралија, Медисон Киз, е елиминирана во осминафиналето на гранслемот во Мелбурн. Американката која е деветта на ВТА-листата загуби од сонародничката Џесика Пегула, и тоа со 2:0 во сетови, 6:3, 6:4.

Пегула одлично го започна мечот и поведе со 3:0 во гемови, но потоа Киз направи пресврт за водство од 4:3. Следуваше ново шоу на Пегула и три гема освоени во низа за 6:3 и водство од 1:0 во сетови.

Силно започна Пегула и во вториот сет и поведе со 4:1, но не беше готово. Киз се врати на 4:3 и беше на еден поен од израмнување на 4:4, но Пегула успеа да се одбрани и потоа со 6:4 го доби вториот сет и обезбеди место во четвртфиналето, каде што ќе игра против Аманда Асимова.

Пегула во кариерата заработи 22 милиони долари од наградни фондови на турнирите. Сепак, таа сума е ситница во однос на тоа што Пегула ќе го наследи заедно со нејзините браќа и сестри.

Тенисерката е ќерка на Тери Пегула, кој се проценува на 7,5 милијарди долари. Ова богатство тој го има стекнато со бизнис со недвижнини и природен гас. Сопственик е на НФЛ-франшизата Бафало Билс, кога во 2014 година успеа да го купи клубот нудејќи повеќе од Доналд Трамп, Џон Бон Џови и други заинтересирани. Тој е сопственик и на хокеј клубот Бафало сејберс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести