Раководството на англискиот шампион Ливерпул ги направило првите чекори кон евентуално ангажирање на Чаби Алонсо како нов менаџер на клубот. Информацијата ја објави угледниот шпански весник „АС“, според кој, претставници на клубот неодамна оствариле контакт со луѓе од кругот на стручњакот, пред сè, со неговиот агент Ињаки Ибанес.
Малку подоцна медиумите во Англија излегоа со написи дека Алонсо покажува интерес за работата на „Енфилд“ и дека веќе дури кажал „да“ на понудата. Се смета дека тој отсекогаш сакал да работи во тимот од Мерсисајд. Во овој момент, сепак, поверојатното сценарио е Чаби Алонсо да го преземе тимот по завршувањето на сезоната.
Како што е познато, стручњакот беше отпуштен од Реал Мадрид пред две недели и веднаш почна да се споменува како можен наследник на Арне Слот, под чие водство Црвените не прикажуваат убедлива форма. Во последното коло Ливерпул загуби од Борнмут со 2-3 и веќе нема победа на пет последовни натпревари во Премиер лигата. Шампионите паднаа дури на шестото место на табелата, со два бода помалку од четвртопласираниот Манчестер јунајтед и дури 14 зад лидерот Арсенал.
„АС“ додава дека од Ливерпул го увериле Арне Слот дека ќе ја доврши сезоната на клупата, но неговата иднина по последните резултати сè повеќе изгледа далеку од „Енфилд“.

