Новиот тренер на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, јасно ставил до знаење дека сака засилување во средниот ред, а според шпанскиот портал „Дефенса Централ“, негов сон е доведување на играч кој, според него, моментно е подобар и од Лука Модриќ.
Како што е познато, Модриќ веќе се збогува со „Сантијаго Бернабеу“ и по завршувањето на Светското клупско првенство ќе го напушти Реал Мадрид. Хрватскиот капитен, кој од 2012 година е дел од „кралскиот клуб“, најверојатно ќе ја продолжи кариерата во Милан. Во септември ќе наполни 40 години, а заминувањето би можел да го заокружи со дури 29 трофеи – рекорд во историјата на клубот.
Чаби Алонсо иднината на средниот ред ја гледа во португалскиот репрезентативец Витиња (25), кој настапува за ПСЖ. Според информациите, новиот стратег на Реал го смета за најдобриот играч на својата позиција во моментов. Сепак, свесен е дека трансферот на Витиња ќе биде исклучително тешка мисија.
Причините се неколку. Фудбалерот има договор со парижаните до 2029 година, а претседателот на Реал, Флорентино Перес, не е наклонет кон преговори со ПСЖ поради претходните лоши искуства во комуникацијата со францускиот шампион, пред сѐ при трансферот на Килијан Мбапе.