Казната со одземање на 15 бода поради финансиски малверзации му предизвика големи проблеми на Јувентус, а тоа сака да го искористи Барселона, која налето планира да донесе неколку играчи на Старата дама.
Јувентус по одземањето на бодовите, од второто место на табелата падна на десеттото, со што ги загуби сите шанси за титулата, а тешко дека ќе успее да обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Тоа може да предизвика егзодус на фудбалерите и таквата ситуација сака да ја искористи тренерот на Барселона, Чави Ернандес, кој фрлил око на четворица фудбалери на италијанскиот тим, од кои двајца ќе бидат приоритет во летниот преоден рок.
Според медиумите, на листата на желби на Чави се наоѓаат: Фабио Мирети, Адриен Рабио, Федерико Кјеза и Душан Влаховиќ.
Приоритет треба да бидат последните двајца, Кјеза, според замислите на Чави, би бил идеално решение за крилните позиции, додека Влаховиќ од претходно се наоѓа на листата на желби на тренерот на Барселона.
Влаховиќ би требало да биде долгогодишно решение во нападот откако ќе се пензионира Роберт Левандовски.