Првиот човек на Европската фудбалска федерација, УЕФА, Александер Чеферин, вчера беше во Загреб, каде што го гледаше натпреварот помеѓу Динамо и Манчестер сити, по што искоментира дека стадионот „Максимир“ е најлошиот на којшто се играат натпревари од Лигата на шампионите.
Чеферин, кој во младоста бил симпатизер на сплитскиот Хајдук, смета дека Динамо е супер клуб, но слаба точка му е стадионот.
„Мило ми е што дојдов тука, но нема да зборувам многу за Динамо, мислам дека сè е кажано. Можам да кажам само дека сè што видов тука, ми се допаѓа, освен стадионот. Според мене, ова е сигурно најлош стадион на којшто се играат натпревари на вакво ниво како Лигата на шампионите“, рече Словенецот Чеферин, кој додаде и дека знае дека разликата во буџетите е огромна бидејќи само од ТВ-правата клубовите во Англија земаат 150 милиони фунти, додека Динамо нема ни покрив на стадионот.