Актуелниот тренер на францускиот прволигаш Стразбур, Лиам Розениор е подготвен денеска да ја прифати понудата да биде нов предводник на англискиот прволигаш Челзи. Лондонскиот тим остана без менаџер, откако Енцо Мареска доби отказ.
Англичанецот Розениор од вчера е во Лондон, а денеска треба да има состанок на кој треба да се договорат деталите околу негово преземање на клупата на тимот од „Стемфорд Бриџ“.
Розениор има искуство во Англија и тоа како играч, кога настапуваше за екипите на Бристол сити, Фулам, Рединг, Хал и Брајтон. Играчката кариера ја заврши во 2018 година, а потоа работеше како помошник тренер во Дерби каунти, па две години седеше на клупата на Хал, за да во 2024 година беше промовиран во тренер на Стразбур.
По 17 кола во француското првенство, Стразбур е на седмото место со 24 бодови. Во Премиер лигата, Челзи е на петото место со 31 бодови, дури 17 помалку од лидерот Арсенал.

