-0.2 C
Skopje
петок, 2 јануари 2026

Челзи го договори новиот менаџер, доаѓа од Стразбур

Челзи е на чекор до решение на тренерското прашање. По разделбата со Енцо Мареска, раководството на клубот од „Стемфорд Бриџ“ интензивно ги засили контактите со Стразбур, а Лиам Розениор сè појасно се наметнува како фаворит за преземање на клупата на лондонските Сини, објави францускиот весник „Л’Екип“.

Иако договорот е блиску, официјализацијата нема да се случи пред крајот на неделата. Англискиот стратег во сабота се очекува последен пат да го води Стразбур, на гостувањето кај Ница, додека Челзи во дербито против Манчестер Сити привремено ќе му ја довери екипата на тренерот на У21 тимот, Калум Мекфарлејн.

Запрашан за иднината, Розениор избегна конкретен одговор и само кратко изјави дека „не знае што ќе донесе утрешниот ден“. И покрај фактот што сопственичката структура „BlueCo“ е поврзана со двата клуба, Челзи ќе мора да плати обештетување за да се испочитуваат сите формалности и да се зачува коректниот однос со францускиот клуб.

Во меѓувреме, Стразбур веќе работи на пронаоѓање наследник, а во фудбалските кругови сè помалку има сомнеж дека следниот чекор во кариерата на Розениор води директно кон „Стемфорд Бриџ“.

Розениор седна на клупата на Стразбур на стартот од минатата сезона и го однесе тимот до седмото место во Лига 1, позиција што клубот ја држи и по 16 одиграни кола во актуелниот шампионат. Дополнително, францускиот тим остави силен впечаток и во Конференциската лига, каде што лигашкиот дел го заврши на врвот со 16 освоени бодови од можни 18.

Својата тренерска приказна Розениор ја започна во 2022 година како привремено решение на клупата на Дерби Каунти, а потоа, во периодот од ноември 2022 до мај 2024, успешно го предводеше Хал Сити. Како фудбалер, зад себе има богата 15-годишна кариера во Премиер лигата и Чемпионшип, настапувајќи за Фулам, Рединг, Ипсвич, Хал сити и Брајтон.

- Оглас -

Најнови вести