Фудбалската асоцијација (ФА) покрена обвиненија против Челзи за 74 наводни прекршувања поврзани со плаќања кон агенти во периодот од 2009 до 2022 година.
Најголем дел од обвиненијата се однесуваат на трансакции и процедури спроведени помеѓу сезоните 2010/11 и 2015/16. Случаите се поврзани со ангажмани на агенти, посредници и вложувања од трети страни. Клубот има рок до 19 септември да достави официјален одговор.
Во времето на спорните трансакции, Челзи беше под сопственост на рускиот олигарх Роман Абрамович, кој го водеше клубот од 2003 до 2022 година, пред да го продаде на конзорциум предводен од американскиот инвеститор Тод Боели и приватен инвестициски фонд.
„За време на деталниот процес на проверка пред финализирањето на продажбата, новата управа откри потенцијално непотполни финансиски извештаи во врска со трансакции и други можни прекршувања на правилата на ФА“, се наведува во соопштението на Челзи.
„Веднаш по комплетирањето на преземањето, клубот сам ги пријави овие случаи до сите надлежни институции, вклучувајќи ја и ФА. Челзи демонстрираше невидена транспарентност во процесот, овозможувајќи целосен пристап до клупската документација и историските податоци“, дополнуваат од клубот.