Челзи загуби од Астон вила со 2:1 во последното коло од Премиер лига, но и покрај тоа лондонскиот тим остана во Топ 4 на табелата и се избори за место во Лигата на шампиони. Со овој пласман на четвртото место, Челзи постави еден необичен рекорд.
Повеќе од 100 години не се случило еден тим да биде во Топ 4 на табелата на крајот од сезоната, а во своите редови да нема играч кој дал двоцифрен број на погодоци. Последен пат тоа се имаше случено во далечната 1911 година кога тоа му успеало на Евертон.
Не само што ниеден играч на Челзи сезонава немаше двоцифрен број на погодоци во Премиер лигата, туку и прв стрелец сите голови ги даде од пенал. Жоргињо со седум погодоци од белата точка е прв стрелец сезонава, додека со по шест гола завршија Тами Абрахам, Мејсон Маунт и Тимо Вернер.
Иако нема голгетерски лидер, Челзи сезонава освен пласман во ЛШ, играше и во финалето на ФА Купот, но загуби од Лестер, а в сабота го очекува и финалето од Лигата на шампиони против Манчестер сити.