Чеферин: Ќе се доиграат 80 проценти од првенствата низ Европа

Првиот човек на Европската фудбалска асоциjација (УЕФА), Александер Чеферин, изјави дека според него, 80 проценти од националните шампионати низ Европа ќе се доиграат до крај и смета дека првенството на Франција е прекинато и завршено предвремено.

„Ситуацијата е вонредна, нема да се преправаме дека не е. Треба да го адаптираме системот за финансиски ферплеј бидејќи не им е лесно на клубовите. За одлуката на Французите, според мене, беше крајно предвремена. Го почитувам тоа што го решија, но тоа го сторија сами, без консулатации со нас. Мислам дека главен збор при постапката имале државните власти во Франција”, вели Чеферин.

Француската лига заврши по 28 изиграни кола од 38 можни. Во Франција нема да има спортски настани до крајот на август. На Чеферин не му се допаѓа што во август два француски тима во Лигата на шампионите ќе играат неподготвени.

Утре почнува Бундеслигата во Германија, во јуни се планира да се реактивираат англиската, шпанската и италијанската, но и понатаму постои опасност некоја од нив да ја поништи сезоната.

„Имаме конкретен план за довршување на сезоната, а извршниот комитет ќе ги одреди точните датуми. Мислам дека најголем дел од домашните првенства ќе се одиграат, а и за клубовите од тие лиги што нема да доиграат, ќе има место во квалификациите за натпреварувањата на УЕФА. Ќе се доиграат над 80 проценти од националните лиги“, прогнозира Чеферин.

- Оглас -

Најнови вести